ВО ВЕЛЕС ЌЕ СЕ ИНВЕСТИРААТ БЛИЗУ 30 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА РУРАЛЕН РАЗВОЈ
Општина Велес ги доби решенијата за трите инфраструктурни проекти кои ќе се реализираат од Локалната самоуправа, а се подржани од Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој. Денес во рамки на посетата на село Чалошево од страна на градоначалникот Славчо Чадиев и пратеникот во македонското собрание Илија Димовски беа презентирани главните цели и детали за претстојната реализација на трите значајни проекти кои ќе бидат реализирани во соработка помеѓу локалната и централната власт.
Со цел подобрување на животот во руралните средини беше прифатен од Агенцијата проектот за изградба на водоводен систем во село Чалошево. Целта на ова решение е обезбедување на исправна вода за пиење од градскиот водоснабдителен систем на градот Велес, односно донесување на пивка вода од градскиот водоснабдителен систем до постоечките резервоари за вода во селата Чалошево и Дурутовец. Имплементацијата на овој проект е од клучно значење за руралните средини. Поддршка и развој на земјоделието како и понатамошниот развој на комуналната и социјалната инфраструктура се можност за развој на локалниот економски развој. Вредност на овој проект е во висина од околу 19 милиони денари.
Втората значајна работа за кој е обезбедена поддршка од Владата в е проектот за изградба на улици во село Иванковци. Со него се предвидува да уреди центарот на селото, а ќе се овозможи и поврзување на централната со попречните селски улици и ќе се реши проблемот со прифаќањето и одведување на атмосферските води. Реализацијата на проектот ќе овозможи олеснување на работата на правниот субјект во селото кој се занимава со транспорт и услуги, ќе ја олесни сообраќајната комуникација и транспортот на земјоделските производи и ќе го стимулира развојот на локалната заедница. За оваа намена ќе бидат потрошени 5.5 милиони денари.
Третиот одобрен проект предвидува поставувањето на урбана опрема на изградените патеки на езерото Младост. За таа цел предвидено е поставување на 4 видиковци на четирите највпечатливи локации на патеката како и поставување на корпи за отпадоци во должината на патеката. Реализацијата на проектот ќе придонесе во заложбите за развој на транзитниот туризам на езерото Младост, како атрактивна дестинација за туристите и посетителите од земјава и странство. Фактот што по автопатот Е-75 (Коридор 10) годишно минуваат околу 4 милиони туристи налага активности кои ќе допринесат за одржливиот развој и развојот на туризмот во непосредба близина на автопатот. Езерото Младост со својата атрактивна локација секоја година привлекува се поголем број туристи и посетители. Општина Велес во рамките на заложбите за развој на езерото Младост изгради патеки кои овозможуваат одмор и рекреација во атрактивно опкружување со поглед кон езерото. Нивното уредување со места за одмор и соодветна урбана опрема ќе придонесе за привлекување на уште поголем број посетители. За негова реализација од Агенцијата и Општина Велес ќе се обезбедат средства во висина од околу 5,8 милиони денари.
Оваа мерка на Владата на Република Македонија ја покажува намерата за подобрување на квалитетот на живот во рурални средини, обнова и развој на селата и зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја. На овој начин директно се помага во заложбите за создавање услови за рамномерен локален економски развој и развој на туризмот во Општина Велес.