ВИКЕНДОВ НА ЕЗЕРОТО „МЛАДОСТ" ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВТОРИОТ „ВЕЛЕШКИ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН”
Оваа година по втор пат во водите на Езерото „Младост” ќе се одржи „Велешкиот пливачки маратон” на кој ќе бидат запазени сите пропозиции за одржување на манифестација од ваков вид.
По тој повод денес на пресконференција во Општина Велес беа образолежни сите детали за претстојниот настан.
Од страна на градоначалникот Славчо Чадиев беше истакнато дека локалната самоуправа дава максимална поддршка на развојот на спортот и тоа во сите спортски дисциплини, паралелно стимулирајќи го развојот на поединечните и колективните спортови.
-„Убедени сме дека успешната реализација на овогодинешниот пливачки маратон ќе ја потврди нашата сериозност и решителност во намерата за развој на пливањето како еден од индивидуалните спортови во кој нашите натпреварувачи постигнуваат одлични резултати”. – рече градоначалникот Чадиев.
Пливачкиот матратон на Езерото Младост оваа година е во организација на Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“, но повторно како дел од сите пливачки маратони што се реализираат на езерата во Македонија под покровителство на Пливачката федерација на Македонија. Организациски партнер на „Клуб 28“ е Општина Велес и ОО на Црвен крст Велес. Сериозноста на манифестацоијата ја потврдува фактот што натпреварите во пливање не отстапуваат од пропозициите на Пливачката федерација на Македонија и се реализираат максимално професионално.
Учесници на натпреварувањето се пливачи од Република Македонија, организирани во клубови или надвор од нив. Пријавувањето на кандидатите се врши сеуште, а досега има заинтересирани околу 30 рекреативци и 30 пливачи професионалци, меѓу кои и врвни имиња во долгометражно пливање.
„Безбедноста е најважна затоа се решивме патеката да биде добро покриена. 30 спасители од Црвениот крст и 20 кајакари на клубот „Бабуна” ќе бидат распределени во гумени чамци и кајаци во езерото на дестинација од неколку стотина метри. Ќе има и моторни чамци за брза реакција”. – рече Иле Попов, претставник на Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28”.
Пливањето на вториот велешки пливачки маратон ќе биде по претходно обележана патека, која овие денови интензивно се подготвува. Настанот ќе се одржи на плажата на „Мотелот на Велешко”, каде за цело време на случувањата ќе се одвива и културно-уметничка програма.
-„Маратонот оваа година ќе се одржи во два дена. Првиот ден, во Сабота, со почеток од 10.00 часот ќе започне рекреативниот пливачки маратон, додека во истиот термин следниот ден започнува македонскиот куп во далечинско пливање. Натпреварувачите ќе се тркаат во 3 категории и тоа 2,5 километри, 5 километри и олимписката дисциплина од 10 километри во машка и женска конкуренција”. – рече Роберт Папазов, од Кајак кану клубот „Бабуна” од Велес.
Инаку, изминатата година за прв пат во водите на Езерото „Младост” се одржa „Велешкиот пливачки маратон” чијашто организација и постигнати резултати пробудија значителен интерес кај спортската и стручна јавност, не само во државата туку и во регионот.
Општина Велес како покровител на оваа манифестација даде максимална поддршка, се со единствена цел истата да прерасне во традиционална и да се одржува секоја година. За таа цел во Програмата за спорт на општината за 2015 година, „Велешкиот пливачки маратон” беше издвоен како посебна спортска манифестација. Дополнително, тоа што Пливачкиот маратон се одржува на Езерото „Младост” оди и во прилог на промовирање на оваа локација во туристичко-рекреативна дестинација за вљубениците во сите спортови на вода но и за рекреативците и љубителите на природата.