СВЕЧЕНО ОТВОРЕНА 11-ТА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА „ПАПРАДИШКИ МАЈСТОРИ 2015”

Синоќа во куќата на Касапови, свечено беше отворена 11-тата по ред ликовна колонија „Папрадишки мајстори”. Истата по пат на делегирана надлежност, ја организира Здружението на граѓани „Папрадишки мајстори“. Организаторите на Колонијата оваа година имаат обезбедено учество на 23 уметници од Полска, Русија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Бугарија, Унгарија и Македонија. Сите заедно се сместени во куќите на уметноста.

Раководителите на Колонијата, во својство на членови на ЗГ „Папрадишки мајстори“ се навистина мајстори на својот занает. Благодарејќи им ним и на заложбите, авторитетот и афирмацијата што тие ја прават за Колонијата, може да се каже дека велешката колонија е во самиот врв во Република Македонија, рамо до рамо со кичевската, струмичката и ресенската.
Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев на чинот на свеченото отворање на овогодинешната колонија на гостите-учесници им посака да се чувствуваат пријатно во Велес, да останат засекогаш наши пријатели и пријатели на градот.
–„Убеден сум дека домакините ќе им го покажат и Велес и окружувањето најубаво што можат. Имајте лесна рака, силна инспирација и убаво расположение.” – истакна градоначалникот Славчо Чадиев.
Вратите на куќите на уметноста од вчеравечер, па во наредните десет дена кога се затвора колонијата се отворени за јавноста и за посетителите. Делата од ликовната колонија „Папрадишки мајстори“ по традиција ќе бидат изложени во Ликовниот салон по повод Денот на Велес - 9 ноември