НА 9, 10 И 11-ТИ ОКТОМВРИ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВЕЛЕШКАТА ПИТИЈАДА
Питијадата како културна манифестација се одржува по 12-ти пати. Терминот на одржување е од 9, 10 и 11-ти октомври 2015. И оваа година локацијата е на просторот пред кафетериите, на улицата „Благој Ѓорев“. Градоначалникот Славчо Чадиев денес на пресконференција ги презентираше сите детали за овогодинешната манифестација.
-„Имајќи ја предвид минатогоднешната манифестација општа констатација е дека се покажаа мошне успшена, далеку поуспешна од претходните години. Оваа локација нуди значително подобра организација на просторот и овозможува сите гости и учесници да имаат подеднакови услови, да се зачува зеленилото на тротоарите, а во истовреме да се овозможи слободно движење на гостите.” – истакна градоначалникот Чадиев.
Интересот за учество на оваа манифестација од година во година е се поголем како од производители на пити, така и од винарии затоа што питата и виното секогаш одат заедно. Овие денови се финализираат и преговорите со 50-тина учесници од регионот, прозводители на пити и винарии. Учесниците од регионот се винарии од општините од Вардарскиот плански регион. Како организатор, општината е подготвена да обезбеди штанд за секој учесник.
Во музичкиот дел ќе настапат многу познати уметници од Македонија и од поранешните ЈУ простори.
Првиот ден, 9-ти октомври, петок е свеченото отворање на манифестацијата и е во знакот на народната музика . Естрадни уметници кои ќе настапат првата вечер се: Зуица Лазова, Благоја Груевски, Миле Кузмановски, сите придружувани од група „Виртус“ и Анета „Молика“, тамбурашите на Звонко Богдан – „Равница“ и група „Маестро“.
По завршување на официјалниот дел на манифестацијата, на платото пред кафулињата ќе се организира After party со Ненад Георгиев – забава со ДЏ и караоке.
На 10.10. – сабота забавата ќе стартува уште од 13:00 часот со настап на велешки бендови и фолклорни ансамбли, за да кулминира во вечерните часови со младите македонски финалисти од Х фактор – Давид Темелков и Боби Мојсовски, младиот Трајче како гостин на Влатко Лозановски,Тамара Тодевска и хрватскиот мега бенд „Парни Ваљак“.
И оваа вечер ќе има After party, овој пат на ракометното игралиште во градскиот парк со ДЏ Никифор и три ДЏ од Велес.
На 11-ти октомври (недела) исто така ќе стартуваме во 13:00 часот со велешки уметници и фолклорни групи и ансамбли за од 19:00 часот да отпочне забавата со концерти на Ален Хасановиќ и Филип Божиновски во придружба Јованче Тодоров и целовечерни концерти на Фолтин, Калиопи и ДНК.
-„И оваа година морам да ја истакнам помошта и соработката на која наидовме кај бизнис секторот во Велес кој се вклучи и ја помогна организацијата на Питијадата. Ја очекувам и поддршката од локалните и национални медиуми во промоцијата на овој настан кој од година на година станува еден од најпознатите во државата.” – рече градоначалникот Чадиев.
Поддршка на 12-тата по ред Велешка питијада даваат и велосипедистите, мото клубовите, граѓанските организации, учениците. Зад оваа манифестација со еден збор стои целиот град.
Питијадата се организира за да се зачува традицијата, питата како бренд на Велес, а при тоа да се презентира и добра забава за посетителите. Во оваа насока, Општина Велес ги поканува граѓаните на Велес, но и граѓаните на Република Македонија да ја посетат манифестацијата и преку негувањето на традицијата да помогнат во зачувувањето на брендот на Велес.