Велес доби локален Економско-социјален совет
Во рамки на Проектот за унапредување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија (ЕУ), а спроведуван од Меѓународната организација на трудот (МОТ) денеска во Општина Велес се основа локален Економско-социјален совет.
Потписници на спогодбата се градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски, претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, в.д. претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски и претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.
Целта на проектот е подобрување на трипартитниот и бипартитниот социјален дијалог како начин за постигнување економски развој и социјален напредок.
Со проектот ќе се обезбеди техничка поддршка на институциите и учесниците во процесот на социјален дијалог преку три меѓусебно поврзани компоненти и тоа зајакнување на социјалниот дијалог на национално и локално ниво, поттикнување на колективното договарање и воспоставување инфраструктура за колективно договарање на ниво на сектор и вoспоставување механизам за мирно решавање на работните спорови.
Во рамки на првата компонента, проектот го поддржува основањето на шест локални економско-социјални совети (ЛЕСС), преку иницирање и поддршка на преговори помеѓу општините, синдикатите и работодавачите, потпишување спогодба за основање на ЛЕСС и опремување на секретаријатите на ЛЕСС со мебел и компјутерска опрема.
ЛЕСС ќе има консултативно-советодавна функција, ќе разгледува прашања и ќе дава мислења, предлози и препораки до Советот на Општината и други органи за одредени прашања од економско-социјалната сфера. Во ЛЕСС Велес ќе партиципираат и претставници од Центарот за вработување на Општина Велес, средните училишта во Општина Велес, Технолошко-техничкиот факултет од Велес, Регионалната занаетчиска комора, Регионалната стопанска комора – Велес, Советот на млади на Општина Велес, како и од невладините организации и здруженија на граѓани.