Заврши 11-тата Ликовна колонија „Папрадишки мајстори”

Во саботата во Куќата на Касапови, свечено беше означен крајот на 11-тата Ликовна колонија „Папрадишки мајстори”. По единаесетти пат куќите на Касапови и Џинот беа дом на големото семејство на сликари и свратилиште за сите намерници, љубители на уметноста.
Вкупно 23 уметници од земјава и од странство, со нивните дела изработени во изминатите десетина дена ја дополнија уметничката ризница на Велес и станаа дел од плејадата творци трајно вградени во нашето културно милје. На официјалното затворање на Колонијата на учесниците им беа врачени благодарници и пригодни подароци со кои градот и симболично ја изразува благодарноста за новосоздадените уметнички вредности. Делата од единаесеттата Ликовна колонија „Папрадишки мајстори“ традиционално пред граѓаните на Велес ќе бидат претставени на изложба на 9-ти Ноември, Денот на Општина Велес.


