Фабриката „Маркарт“ во Велес официјално отворена

Во Индустриската зона „Караслари” денес свечено беше пуштена во употреба новата фабрика на германската компанија „Маркарт“. На настанот присуствуваа претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за странски инвестиции Веле Самак, градоначалникот Славчо Чадиев, главниот извршен директор на „Маркарт групацијата” Харлд Маркарт, генералениот менаџер на Маркарт Македонија Волфганг Ајхер, како и пратениците во Македонското собрание, членови и претседателот на Советот на општината.

-„Ова е првата поголема странска инвестиција во Велес и воопшто првата поголема фабрика која по 20 години се отвора во овој град.” - истакна премиерот Никола Груевски.
Инвестицијата се проценува на околу 35 милиони евра, а со отворањето на фабриката се очекува да се вработат околу 600 лица. Во фабриката ќе се произведуваат автомобилски делови за врвни германски брендови како Мерцедес, Ауди, БМВ, Порше и други.
На свеченото отворање свое обраќање имаше и сопственикот на групацијата „Маркарт” Харлд Маркарт и генералниот директор на „Маркарт Македонија”, Волфганг Ајхер.
-„Фабриката во Македонија е нашата десетта фабрика и ќе игра значајна улога во Групацијата. Вкупната површина е 15.000 метри квадратни, а инвестицијата која ќе ја реализираме ќе биде над 35 милиони евра.” – рече главниот извршен директор Маркарт.
Во март минатата година германската компанија донесе одлука за инвестирање во Македонија, а првиот контакт меѓу германскиот инвеститор и претставниците на македонската Влада беше воспоставен во 2008 година. Одлуката за инвестирање во Македонија, како што изјавија од компанијата, ја донеле поради квалификуваната работна сила и стабилната економска политика.
За овој историски успех на Велес и неговите граѓани говореше и градоначалникот Славчо Чадиев, кој изрази огромна благодарност до сите оние кои што помогнаа и беа директно и индиректно вклучени во изградбата на оваа фабрика и нејзиното отпочнување со редовно производство.
-„Денес сум особено горд на успесите на Општина Велес, горд на оствареното ветување пред граѓаните, горд на сите оние кои безрезевно се вложија првата фабрика во индустриската зона „Караслари” да започне со работа. Овој долг и макотрпен процес на стекнување доверба кај нашиот странски партнер што започна пред повеќе од една година е само прв чекор во реализирање на нашата стратешка цел – Индустриската зона „Караслари” да прерасне во место каде свое вработување ќе пронајдат повеќе илјади велешани и жители од регионот.” – рече во своето обраќање градоначалникот Чадиев.
„Маркарт“ е основана 1925 година. Досега има отворено фабрики во повеќе земји низ светот, а годишниот обрт на компанијата и околу 700 милиони евра.