„ООУ Св. Кирил И Методиј” е едно од осумте најдобри основни училишта во Република Македонија

Според државниот просветен инспекторат „ООУ Св. Кирил И Методиј” е едно од осумте најдобри основни училишта во Република Македонија.

 

OOУ „Св. Кирил и Методиј” Велес е оценето со највисока оцена од страна на Државниот просветен инспекторат (ДПИ) при Министерството за образование и наука, кој веќе седум години го оценува квалитетот на училиштата во Македонија, при што највисока оцена е „многу добар“.

Тоа се прави преку интегралната евалуација, а оценката на секое училиште се дава со темелна проверка на седум подрачја, и тоа:наставни планови и програми, постигнувањата на учениците, учење и настава, поддршка на учениците, училишна клима, ресурси и управување, како и раководењето со училиштето.

Во текот на учебната 2014/15 од страна на Државен просветен инспекторат (ДПИ) извршена е 161 интегрална евалуација, а притоа оценети со највисока оцена се училиштата: „Љубен Лапе“ во Аеродром, „Гоце Делчев“ во Прилеп, „Браќа Миладиновци“ во село Миладиновци, „Наум Охридски” во село Булачани, Гази Баба, потоа „Кирил и Методиј“ во Велес, „Методи Патче“ во Охрид, „Ристо Јурков“ во Кочани како и училиштето „Партенија Зографски” во Скопје.

Како силни страни на оценетите училишта се наведуваат: зголемена примена на ИКТ во наставата, како резултат на проектот „Компјутер за секое дете“, потоа зголемен број на ученици кои учествуваат на натпревари организирани од акредитирани здруженија, а зголемена е и реализацијата на часови по физичко воспитување, што според инспекторите, е одраз на изградбата на спортски сали и опремувањето со спортски реквизити.