Велес доби бизнис центар

Фирмите од Вардарскиот регион ќе добиваат поддршка во работењето. Центарот за развој на Варадарскиот плански регион формираше бизнис центар во кој постоечките компании но и новите инвеститори ќе добиваат информации за измени во законите и поволностите кои тие ги овозможуваат, бројот на население и нивната стручна подготовка.

Центарот се отвора во соработка со Министерството за локална самоуправа. Заменик министерот Љупчo Пренџов, смета дека на овој начин ќе се помага работат на компаниите.

-„Тоа е една голема поволност, затоа што голем дел од фирмите кои се ориентирани кон производството трошат големи капацитети на човечки ресурси, пратење на закони и така натаму и на овој начин им го олеснуваме севкупното работење на фирмите.“ - рече Љупчo Пренџов, заменик министер за локална самоуправа.

Бизнис центарот ќе работи во објектот на Вардарскиот плански регион сместен во поранешната зграда на Радио Велес. Просториите се целосно реконструирани со пари од министерството за локална самоуправа. Овде ќе работат и двете стопански комори. Објектот денеска беше предаден во употреба.

-„Прво го реконструиравме пвиот спрат и како што кажавме со пари од министерството за локална самоуправа во визина од 1,8 милиони денари. Овде како што кажавме ќе бидат сместени и сојузот на стопански комори и регионалната стопанска комора“ рече Марко Колев, Раководител на Центар за развој на ВПР.

Заедничката зграда на сите субјекти кои треба да ја подобруваат бизнис климата ќе овозможи унапредување на економијата во општините од Вардарскиот регион, смета претседателот на Советот на ВПР, Славчо Чадиев.

-„Една од основните цели ни беше зближувањето на двете комори, а тоа секако ќе значи плус за бизнис интересот на Вардарскиот регион.“ - рече Славчо Чадиев, градоначалник на Општина Велес и претседател на Советот на ВПР.

Од министерстово за локална самоуправа велат дека работата на центрите за регионален развој ќе добиваат поддршка и во иднина. Заменик министерот Пренџов, најави дека идната година, Владата планира двојно да го зголеми буџетот за проекти од регионален карактер.