Чествување на 75 години од смртта на Димитрија Чуповски

Денес се навршија 75 години од смртта на Димитрија Чуповски, еден од најдоследните организатори и афирматори на македонската национална мисла.
По тој повод на Градските гробишта „Бутел” во Скопје беше посетено вечното почивалиште на овој македонски великан, а свештеници од Повардарската епархија отслужија опело за покој на душата. Почиит оддадоа делегација на Општиона Велес, средното стручно училиште кое го носи името на Чуповски, членови на семејството како и граѓани oд Велес.

Димитрија Чуповски е роден на 8 ноември 1878 година во с. Папрадиште. Животот го однел во Крушево, Софија, Белград, Новогород, Симферопол, Петроград и Санкт Петербург во Русија.
Тој сфати, покажа дека не е важно каде си туку кој си, важно е и како ќе ја претставиш својата идеја и својот народ пред светот, важно е да се бориш со оружјето што највешто умееш да го употребуваш.
Најсилното оружје на Чуповски е зборот. Тој за идејата за независна држава се борел со Меморандум упатен до силите што го кроеле Балканот во 1913 година, со списанието „Македонски глас“, со пропаганда за подигање на националната свест за национално-ослободителна борба на македонскиот народ.
Најважните трудови на Чуповски што го потврдуваат идентитетот на една држава – македонско-рускиот речник и лексиконот за историјата, етнографијата, јазикот, фолклорот и културата на Македонија, останале засекогаш затрупани во урнатините на бомбардираниот Ленинград две години по неговата смрт.