Одржана конференција за одржлива енергетска тематска мрежа

Во рамките на проектот „Енерџинет“ финансиран од Европската Унија во рамки на IPA-CBC програмата, денес во Велес се одржа вториот ден од конференцијата за одржлива енергетска тематска мрежа на прекуграничните власти. На конференцијата учествуваа партнерите кои го спроведуваат проектот од Република Македонија и Република Грција, Општините Велес и Прилеп од македонска и Визалтиа, Флорина и Ираклиа од грчка страна.
На самиот настан пригодно обраќање до учесниците со свои пораки за проектот упати Градоначалникот на Велес, м-р Славчо Чадиев, Градоначалниците на Општините Визалтиа и Ираклеа, како и заменикот Градоначалник на Флорина и Раководителот на одделението за ЛЕР од Општина Прилеп.
Водечките лица на Општините порачаа дека проектот „Енерџинет“ кој е прв од овој вид во прекуграничната соработка помеѓу двете земји е добра основа на која сите учесници во иднина ќе можат да се потпрат при имплементацијата на проекти од енергетската ефикасност, но и можност за соработка со која постои отворена опција во иднина да се започне со нови проекти.
На самиот настан кој траеше два дена, учество земаа бизнис секторот од Велес, претставници на советот на млади на Општина Велес, студенти и претставници од другите јавни претпријатија од Велес кои имаа можност да слушнат предавања од повеќе еминентни експерти од областа на енергетиката со цел да научат повеќе за енергетската ефикасност и во иднина при креирање на проекти истото знаење да го искористат.








