ЛЕГЕНДАРНАТА МИЛИЦА СТОЈАНОВА Е ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ПЕТРЕ ПРЛИЧКO” ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Комисијата за доделување на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ одлучи годинава престижната награда да и ја додели на актерката Милица Стојанова. Одлуката во име на комисијата, на прес конференција ја соопшти Сашо Димоски.
- „Што треба да се образложи кога како луѓе и време ја имаме таа привилегија да бидеме дел од времето во кое живее и создава Милица Стојанова? Нејзината уметничка величина и актерско мајсторство никако не можат да се сведат на набројување на ролјите кои ги толкувала, ниту на импресивноста која го одзема здивот кога ја гледате на сцената, ниту само на соработката која Милица ја дава во процесот на создавањето театар. Доволно е да ја запознаете и да ја почувствувате незаборавноста која лебди околу Милица и да знаете дека станува збор за толкава единственост за која немате зборови.” - изјави драматургот Димоски, кој годинава беше дел од Жири-комисијата.
Во образложението на наградата стои дека Милица Стојанова е жив дел од колективната меморија на македонскиот театар. Таа е јадро, учител, прекрасен соработник, реткост најдена во друга реткост, Милица Стојанова е една од најголемите привилегии кои се случиле во македонскиот театар, таа е жив музеј од сеќавања кои подеднакво го познаваат минатото и сегашноста и ја поседуваат моќта да ја предвидат иднината.
Наградата „Петре Прличко“ е востановена во 2006 година, а досега истата ја имаат добиено Благоја Спирковски Џумерко, Емил Рубен, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски, Петар Темелковски, Драган Спасов Дац и Александар Ѓоргиев.
На глумицата Стојанова како прва жена-актер која го добила ова многу значајно признание, наградата ќе и биде врачена во сабота, на 8-ми ноември, во пресрет на Денот на Општината. Во нејзина чест актерите од велешкиот театар ќе ја изведат претставата ,,Спанаќ со пржени компири”.