Доделени 9-ти ноемвриските награди и признанија
Велес како урбано јадро на овие балкански простори егзистира од 123-тата година пред нашата или цели 2138 години. Сублиматот на сите револуции во оваа милениумска угорна патека на развојот на Велес е 9-ти ноември 1944 година. Овој светол историски настан вечерва Советот на Општина Велес го одбележа со свечена седница која се одржа во Народниот театар „ЈХК Џинот”.
Во својство на претседател на Советот, оваа свечена седница ја отвори Александар Колев кој во своето обраќање пред присутните им оддаде почит и благодарност на сите паднати борци, борците починати во изминативе 71 година, жртвите од последните воени дејствија во Република Македонија и на сите херои, востаници, војводи и јунаци што се вградија во темелите на слободата на Велес.
Во своето обраќање по повод празникот на градот, градоначалникот Славчо Чадиев се обрати и им го честиташе празникот на присутните граѓани, одддавајќи им почит на сите генерации велешани што овозможија да го прославуваме овој празник со кој означуваме 71 година од последното воскреснување од урнатините на 23 века старото огниште на нашите предци.
-„Се разбира дека за секоја градба треба цврсти и стабилни темели. Во нашите темели се вградени идеите, мудроста, саможртвата, талентот, градителската моќ на плејадата велешани што ја пишуваа велешката и македонската историја. Во текот на целата година се навраќаме на големината на нашите великани, но и денес на Денот на општината наша должност и потреба е да ги споменеме големите и вечни војводи Алабакот, Докурчев и Офицерчето, борците за национална самобитност Чуповски, Поп Арсов, Гемиџиите, преродбениците Џинот и Жинзифов, борците со перо и пушка Рацин и Неделковски. Секој во своето време - Главинов, Демниевски, Влахов, Панко Брашнар се потпишале во историската читанка на свој начин. Белег за себе оставиле градителите на сакралните објекти, тајфите што ги живописале, а нивните тајни ние сеуште ги откриваме и им се восхитуваме.” – истакна градоначалникот Славчо Чадиев.
На денешната свечена седница на Советот на Општина Велес беа врачени и деветоноемвриските награди и признанија на овогодинешните добитници.
Наградата Најстудент „Проф. д-р Ѓорги Шоптрајанов“ за 2015 година ја понесе студентот Даниела Иванова – која трета година на Технолошко металуршкиот факултет во скопје – насока Инженерство на материјали и нанотехнологија со просек на студии 10.00.
Добитници на Спомен-плакета 9-ти Ноември за 2015 година се: Специјалната болница за белодробни заболувања и туберкулоза – Јасеново; Општински ученички дом „Лазар Лазаревски“; Веле Самак, министер за странски инвестиции во Владата на РМ и Зегин ДОО.
Со признание – благодарница 9-ти Ноември за 2015 година се здобија велешката хуманистка Ленче Здравкин; Виктор Глигоровски, Стојанче Алексов, Ѓоко Ризински и Мето Димов; Зоран Балов и Весна Димитровска Бобевски. Пофалница му беше доделена на планинарот Маријан Малинов.
Постхумно со спомен-плакета се оддаде признание на нашите сограѓани: Д-р Ристо Пејовски, Иле Алексиќ и Д-р Румен Накинов
Најголемо достигнување за еден човек е да добие потврда дека неговата работа вредела труд, дека оставил нешто што на идните генерации ќе им помогне да го идентификуваат минатото и да се гордеат со него. Тогаш значи сме го исполниле своето животно дело.
Општина Велес во тој правец секоја година доделува и награда за животно дело „Гемиџии“ токму за оние луѓе што преку своето дело гласот за Велес го разнесуваат далеку и високо.
Оваа 2015 година добитник на наградата за животно дело „Гемиџии” e Костадин Кирков. Тој е роден во Велес во 1942 година како потомок на семејството Киркови и носител на името на неговиот чичко Гемиџијата Костадин Кирков. По професија виолинист – концерт мајстор вои Љубљана и на Бетовеновиот оркестар во Бон, Германија
Благодарејќи му на Маестро Кирков за Велес, за неговата култура и историја, за трврдокорноста и достоинството на велешани знаат високите уметнички кругови во Германија и Словенија.
Во музичкиот дел на програмата присутните гости имаа можност да уживаат во балетска претстава во изведба на креативните млади уметници од ,,Балкан денс проџект”.