Ќе се реконструира фасадата на ССОУ „Коле Неделковски“

Центарот за развој на Вардарски плански регион потпиша нови договори со Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој за два нови проекти, и тоа за проектот “Уредување на Спомен Костурница во Општина Неготино” и за проектот “Реконструкција на фасадa во ССОУ “Коле Неделковски” - Велес”.

„Ова е уште едно исполнето мое ветување кое го дадов на 14-тата Седница на Совет за развој на Вардарски плански регион, дека како Градоначалник на Општина Велес ќе се заложам да обезбедам финансиски средства за реконструкција на фасадата на ССОУ “Коле Неделковски” „ –рече градоначалникот м-р Славчо Чадиев

Со аплицирање на овој проект до Министерството за локална самоуправа, проектот беше позитивно оценет и како резултат на измени и дополнувања на Буџетот на РМ, добивме околу 3 милиона денари, а тоа се доволно средства за целосно да ја промениме постојната фасада на зградата на средното стручно училиште.

Во периодот што следува ќе се започне и со предвидената изработка на термоизолациона фасада на постоечкиот објект со која ќе се овозможи енергетска ефикасеност на објектот и оптимални услови за престој на учениците и вработените. Овој нов фасаден систем ќе овозможи топлотна заштита на објектот, здрава и удобна клима во просториите и ефикасна заштита од различни временски влијанија.

Бенефитот од овој проект ќе се манифестира врз сите сегашни и идни корисници на јавниот објект. Реализацијата на проектот ќе придонесе и за заштеда на средства од буџетот на Општина Велес и ССОУ “Коле Неделковски” – Велес.

Центарот за развој на Вардарски плански регион посветено ќе продолжи со реализирање на многу други проекти се со цел да ги подобри животните услови на граѓаните од регионот, а со тоа да придонесе за развој на истиот.