Официјално пуштен во употреба лифт во ООУ Васил Главинов
Денес со неколку настани се обележа Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.
Најголемиот акцент беше на настанот со високи човечки вредности, пуштањето во употреба на првиот лифт во ООУ „Васил Главинов“ кој воедно е прв во градот, регионот и пошироко. Ова е лифт кој беше дел од ветувањата на градоначалникот се со цел да се помогне на лицата со посебни образовни потреби, а секако и на нивните родители.
На овој настан присуствуваше и градоначалникот м-р Славчо Чадиев, постојаниот претставник на УНДП во Република Мекедонија г-ѓа Винтон и раководителот на ВПР Марко Колев.
-„Силно се залагам за развој и поддршка на проекти од регионално значење во областа на социјална заштита и грижа за ранливи групи.Оваа прилика ја користам да ја најавам и следната активност која ќе се реализира до крајот на оваа година а тоа е поставување на урбана опрема наменета за лица со инвалидност во Младинскиот парк во Велес. Преку оваа активност ќе се постави летниковец и опрема за вежбање. На кој начин општина Велес ќе добие простор за рекреација и инклузија на лицата со инвалидност каде што ќе имаат можност да се рекреираат.” – истакна градоначалникот Чадиев.
Во ова училиште се приспособија и два тоалета на приземјето и првиот кат, наменети за ученици со посебни образовни потреби, кои што се образоваат во ова училиште.
Овие активности се дел од проектот “Меѓуопштинска соработка за обезбедување грижа за ранливи групи во општините Велес, Кавадарци, Градско, Чашка и Росоман” кој е финасиски поддржан од Програмата за развој на ОН- УНДП, како и од општините Велес и Кавадарци. Вкупната вредност на проектот изнесува 100.000,00 долари или 4.991.650,00 денари.
Проекти од овој тип ќе придонесат за еднакви можности во образованието за сите.
Воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби претставува интегрален дел на образовниот систем и се планира врз исти или многу слични генерални принципи за сите.
Учениците со посебни образовни потреби ги имаат истите права на образование како и другите, согласно своите интелектуални и други можности, амбиции и интереси.
Исто така, градоначалникот денес при обележувањето на овој меѓународен ден ги посети и дневниот центар за лица со попречености и ПОУ „Маца Овчарова“.