Состанок со Кризниот штаб за заштита и спасување
Од надлежните институции, Општина Велес беше информирана дека од денес па во текот на претстојниот викенд целата територија на Република Македонија ќе биде зафатена од снежен бран и нестабилни временски услови.
Според прогнозите од Управата за хидрометеорлошки работи температурите во утринските часови ќе се симнат и до минус 15 степени, а снежната покривка ќе изнесува 50-тина сантиментри.
За таа цел од страна на градоначалникот Славчо Чадиев во текот на денот беше свикан состанок на Кризниот штаб за заштита и спасување при што беа договорени активностите и препораките кои ќе се спроведуваат во следниот период.
Препораките се:
- Се препорачува до сите граѓани и правни субјекти во случај на снежни наноси и голомразица веднаш да пристапат кон расчистување влезовите или тротоарите пред домовите или трговските објекти. Ова е законска обврска и очекуваме нејзино максимално почитување.
- Мобилни тимови од денес на терен ќе ја следат состојбата со прустност на бездомници во градот и ќе работат со нив во пресрет на најавите за ниски температури и снежни врнежи. Доколку бидат забележани, ним ќе им биде понудена соодветна просторија за престојување каде ќе можат да го поминат овој период.
- Заедно со СВР Велес во критичните високи зони ќе се преземат активности за ослободување на улиците од паркираните возила, во правец на безбеден и непречен сообраќај. Особено значајно е да биде во функција и расчистена улицата „Васил Ѓоргов” која води од Новиот театар до плоштадот „Којник”.
- Градежните компании, согласно Програмата за зимско одржување на локалните патишта и улици, се подготвени за расчистување предвидените улици како во градот така и во населените места. Во овој правец морам да ја истакнам спремноста и ангажираноста на сите вработени од ЈКП „Дервен”.
- Се упатува апел до граѓаните во случај да бидат загрозени итно да се обратат на бесплатниот број 195 на Центарот за управување со кризи.
- Останува апелот и до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни, да се придржуваат кон условите на патот и задолжителна зимска опрема.
Ова се поважните активности кои треба да се спроведат уште од денес. Општина Велес и другите надлежни инстутуции како МВР, АРМ, ЦУК, ДЗС и Јавните претпријатија остануваат будни се со цел благовремено да се преземат превентивни мерки за избегнување од евентуални несакани последици.