Нова урбана опрема на патеките на велешкото езеро

Во околината на езерото Младост на изградените пешачки патеки во тек се градежни работи за поставување на урбана опрема. Активностите се дел од проектот финансиран преку Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој во висина од близу 5.5 милиони денари. Денес во посета на оваа локација беше и градоначалникот Славчо Чадиев кој изрази задоволство од досегашниот тек на работа.

Во рамките на проектот предвидено е поставување на 88 клупи, 29 маси, 31 корпа за отпадоци и 41 настрешница. Реализацијата на проектот ќе придонесе во заложбите за развој на транзитниот туризам на езерото Младост, како атрактивна дестинација за туристите и посетителите од земјава и странство. Фактот што по автопатот Е-75 (Коридор 10) годишно минуваат околу 4 милиони туристи налага активности кои ќе допринесат за одржливиот развој и развојот на туризмот во непосредба близина на автопатот. Езерото Младост со својата атрактивна локација секоја година привлекува се поголем број туристи и посетители.