Се почесто се оштетува урбаната опрема во градот
И покрај напорите на Општина Велес и ЈКП „Дервен" да го разубават градот со обновување на урбаната опрема, цветните жардињери и дрвјата на јавните зелени површини, за жал, несовесни граѓани ги уништуваат поставените клупи, летниковци и корпите за отпадоци, а свежо засадените цвеќиња и дрвја ги снемува преку ноќ.
Ова е појава со која се соочуваме со години наназад. Вандализмот во градските паркови веќе станува редовна пракса, како и крадењето на новонасадените дрвца и цвеќе.
Ова за вработените од ЈКП Дервен значи неколкукратно повторување на активностите, а на претпријатието и Локалната самоуправа им нанесува големи финансиски загуби.
Факт е дека материјалите со кои ЈКП „Дервен" располага не се бесконечни, и службите не се во можност до недоглед да ги потполнуваат со цвеќе местата од каде тоа редовно се краде и да го обновуваат секојдневно сето тоа што некој го уништил, па доколку нашите сограѓани сакаат да живеат во убаво уреден град мора да покажат поголемо внимание кон зеленилото и урбаната опрема и да ги чуваат наместо да ги уништуваат.
Апелираме до граѓаните во иднина да покажат повеќе свест и грижа за зеленилото и урбаната опрема, со што ќе допринесат градот во кој сите живееме да биде поубав и поцветен.