Во тек е изградбата на водоводниот систем во Чалошево и Дурутовец

Изградба на водоводен систем во Чалошево и Дурутовец - Слика 1

Неодамна започнатите градежни активности за поставување на водоводен систем до новопланираната населба „Трпезица” и селата Дурутовец и Чалошево, продолжуваат со несмален интензитет.

Активностите се дел од проектот финансиран преку Владата на Република Македонија и Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој во соработка со Општина Велес. Целосниот износ за негова реализација е во висина од 14.000.000 денари.

Денес во посета на локацијата близу с. Чалошево беа пратеникот Илија Димовски и градоначалникот Славчо Чадиев кои заедно направија увид на градежните работи и остварија средба со месното население.

„Работите се одвиваат согласно зацртаната динамика. Очекуваме со поставувањето на препумпната станица која треба да се изгради над населбата „Трпезица”, овој проект и официјално ќе биде завршен. Потоа истиот ќе биде отстапен на Општина Велес и предаден на ЈКП „Дервен” за користење.” – рече градоначалникот Чадиев.

Во рамките на проектот предвидено е поставување на водоводна линија во должина од близу 5.000 метри. Реализацијата на проектот ќе овозможи обезбедување на исправна вода за пиење од градскиот водоснабдителен систем на градот Велес, односно донесување на пивка вода од градскиот водоснабдителен систем до постоечките резервоари за вода како во новата населба „Трпезица”, така и во селата Чалошево и Дурутовец. На овој простор во иднина предвидено е снабдување со чиста вода за околу 5.000 жители.

Изградба на водоводен систем во Чалошево и Дурутовец - Слика 2

Изградба на водоводен систем во Чалошево и Дурутовец - Слика 3