ИСЧИСТЕНИ ДИВИТЕ ДЕПОНИИ
Согласно зацртаните активности од Програмата за управување со отпад за 2016 година за чистење на диви депонии, Општина Велес и ЈКП “Дервен” спроведоа активности за чистење на дивите депонии на следните локации: брег на река Вардар спроти ул.Коле Цветков, брег на река Тополка во непосредна близина на ОХОХО, брег на Битолска пруга во градското подрачје, пат за населба Дурутовец.
Услугата за собирање на комунален отпад во населеното место Црквино за прв пат се воведе на 02.01.2016 година. По воведување на услугата, ЈКП „Дервен“ се зафати со чистење на дивите депонии со отпад кои се наоѓаа на левата страна на пристапниот пат кон село Црквино во непосредна близина на природен извор на вода и на стариот пат село Црквино - село Бабуна. Оваа депонија која многу години се користеше од страна на жителите се наоѓаше на сртот на висорамнина, со опасност за свлекување на комуналниот отпад при поголеми атмосферски влијанија до река Бабуна.
Во рамки на оваа акција со чистење на овие депонии животната средина се растерети од 252 метри кубни отпад кој е транспортиран и соодветно одложен на општинската комунална депонија и депонијата за земја, шут и друг отпаден градежен материјал.
Општина Велес апелира до сите граѓани соодветно да постапуваат со отпадот кој го создаваат со цел да се спречи загадувањето и да се подобри квалитетот на живеење.