Премиерот Димитриев на Ифтар вечера во Велес
Како дел од активностите во пресрет на муслиманскиот празник Рамазан Бајрам во Велес денеска се одржа традиционалната Ифтар вечера на која присуствуваше претседателот на Владата на Република Македонија Емил Димитриев. Тој ја искористи приликата да им го честита празникот на присутните верници, посакувајќи им убави празнични денови, среќа и спокој во семејствата.
-„Почитувани присутни убава прилика е оваа вечер човек да биде до Вас да ви го честитам светиот месец Рамазан и ви посакам среќни пости. Различностите во Македонија се наша предност и богатство кои треба да ги негуваме. Како верник немам проблем да живеам со вистински верници до различни вероисповеди.
Мене ме загрижуваат луѓе кои недоволно ја познаваат верата и се предмет на структури кои не мислат на добро за иднината на земјава. Затоа давам силна поддршка на учењето на верските доктрини, на нормите на сите религии кои егзистираат во Македонија, оти тие проповедаат мир, соживот, соработка. Тоа е богатство на Македонија како мултиетничка држава и треба да го одржуваме. Имајте лесни пости и нека мине овој месец со позитивни мисли и добри дела.” – рече премиерот Eмил Димитриев.
Ваквите настани се добра прилика да се разменат мислења, но и да се прати порака на единство, бидејќи соживотот и меѓусебното почитување имаат вековна традиција меѓу луѓето кои живеат на овие простори и тоа треба да биде примерот кој треба да биде следен во сечие делување и работа.
На вечерашниот Ифтар присуствуваа околу 130 верници. Покрај премиерот Емил Димитриев, заедно со граѓаните беа и градоначалникот Славчо Чадиев, пратениците во македонското собрание Илија Димовски и Ѓорѓи Коџабашиев, претседателот на Советот Александар Колев, членови на општинскиот совет и раководители од локалната и централната власт.