ЗАПОЧНА ОДБРОЈУВАЊЕТО ЗА ВЕЛЕШКАТА ПИТИЈАДА
Општина Велес питата пастрмајлија како свој бренд ја слави како најголем гастрономски специјалитет. Во нејзина чест и во име на традицијата годинешната 13-та питијада ќе биде најмасовната манифестација што ја организира општината.
Терминот на одржување е од 7, 8 и 9-ти октомври 2016 година. И оваа година на просторот пред кафетериите, на улица „Благој Ѓорев“. Ова денес на пресконференција го најави градоначалникот Славчо Чадиев.
-„За три месеци повторно по дванаесетти пат заедно ќе ја отвориме сезоната на велешката пастрмајлија. Убедени сме дека оваа година тоа ќе биде во уште поголем број, како никогаш досега масовно и обединети, угостители, стопанственици, ученици, производители на вино, дечињата од градинка, институциите, јавните претпријатија.” – рече градоначалникот Чадиев.
Во деновите на фестивалот питата пастрмајлија и убавото вино на Велес ќе му донесат многу гости што во своите средини ќе раскажуваат и ќе ги промовираат и градот и питите и виното.
-„Питата-пастрмајлија е ремек дело на нашите предци. Таа е наша гордост и ќе остане гордост на генерациите што доаѓаат.” – изјави градоначалникот Чадиев.
Во овој правец, за што подобра и поуспешна организација Општина Велес ги замолува сите граѓани, за било какви предлози, идеи и сугестии во пресрет на овогодинешната манифестација.