СВЕЧЕНО ОТВОРЕНА 12-ТА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА „ПАПРАДИШКИ МАЈСТОРИ 2016”

Вечерва во куќата на Касапови, свечено беше отворена 12-тата по ред Ликовна колонија „Папрадишки мајстори”. Истата по пат на делегирана надлежност, ја организира Здружението на граѓани „Папрадишки мајстори“.
Организаторите на Колонијата оваа година имаат обезбедено учество на 20-тина странски учесници и тоа од Русија, Турција, Словачка, Унгарија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. Сите заедно се сместени во куќите на уметноста.
Раководителите на Колонијата, во својство на членови на ЗГ „Папрадишки мајстори“ се навистина мајстори на својот занает. Благодарејќи им ним и на заложбите, авторитетот и афирмацијата што тие ја прават за Колонијата, може да се каже дека велешката колонија е во самиот врв во Република Македонија, рамо до рамо со кичевската, струмичката и ресенската.
Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев на чинот на свеченото отворање на овогодинешната колонија на гостите-учесници им посака да се чувствуваат пријатно во Велес, да останат засекогаш наши пријатели и пријатели на градот.
Вратите на куќите на уметноста од вечерва, па во наредните денови се отворени за јавноста и за посетителите. Делата од Ликовната колонија „Папрадишки мајстори“ по традиција ќе бидат изложени во Ликовниот салон по повод Денот на Велес - 9 ноември