СВЕЧЕНО ОТВОРЕН ИФАД „СТОБИ 2016"

Во Народниот театар „ЈХК Џинот“ започна 15-тото издание на Интернационалниот фестивал на античка драма.
Во името на ЗГ „Стоби“, многубројната публика ја поздрави директорот на фестивалот Зоран Љутков кој упати благодарност до сите институции, организации и компании кои и годинава го поддржаа ИФАД „Стоби“.
На самиот почеток градоначалникот Славчо Чадиев упати посебен поздрав до креаторите на ова 15-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“.

„Преку фестивалот на античка драма „Стоби“ посветеноста на театарот ја раширивме преку границите на нашата Македонија и го донесовме креативниот свет овде. Во овие 15 години, љубителите на театарот од сите меридијани уживаа во незаборавните изведби на античките комедии и трагедии. Ви посакувам и во ова издание на „Стоби“ да ја доживеете уникатната енергија на велешката и македонската публика, да ја оживеете она суптилна комуникација што остава без здив и се врежува во вечноста.“- рече градоначалникот Чадиев кои и го прогласи 15-тото издание на ИФАД СТОБИ за отворен.
На самото отворање на сцена се одигра претставата „Медеја“ во режија на Ненад Витанов и автор Сашо Димоски .
За жал и годинава го немаме задоволство да уживаме во автентичната атмосфера што ја нуди амфитеатарот на античкиот локалитет „Стоби“ каде веќе подолго време се изведуваат археолошки и конзерваторски работи.
Но од друга страна пак, организаторите на ИФАД „Стоби“, имаат привилегија да ги користат ресурсите на новата театарска зграда на велешкиот театар и да ги искористат сите технички перформанси што таа ги нуди за сите 9 театарски ансамбли од кои 3 се странски и тоа од Р.Бугарија, Р.Казахстан и Р.Србија.
Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби “ ќе трае до 26-ти септември кога ќе бидат и доделени и Гран при наградите за најдобра претстава, најдобра женска и машка улога и најдобра режија .
Во чест на наградените, актерите од велешкиот театар ќе ја одиграат претставата „Тесната бесната и лесната “.