ПРОМОЦИЈА НА ЕДИЦИЈАТА „ЦРНИТЕ СТРАНИЦИ НА УДБА“
Едицијата „Црните страници на УДБА“ денеска промовирана во Велес. На овој начин Општината одбележа и 123 годишнината од Формирањето на Македонската Револуционерна Организација. „Во Општина Велес се одлучивме годишнината од одбележивањето да ја направиме со промоција на едицијата „Црните страници на УДБА“, изработена од Државниот архив на Република Македонија, институцијата чувар на македонската национална историја. Преку овие дела се дава појасна слика за случувањата во Македонија, за методите кои биле користени од тајната полиција и лицата кои како поткажувачи давале подацоти за следените граѓани„рече Славчо Чадиев Градоначалник на Општина Велес.
Едицијата „Црните страници на УДБА“ содржи 16 книги во девет томови. Во неа опфатени се 202 досиеја, животни судбини за многу Македонци од кој голем дел велешани. „На мои 16 години сум бил следен од тогашните државни безбедносни служби етикетиран како македонски екстремист. Токму оваа едиција треба да биде повод, новиот собраниски состав да покрене иницијатива за официјална државна истрага и да се расчистат сите работи. Крајно време е да престанеме македонците да бидеме против македонците во Македонија„рече Илија Димовски. На денешната промоција пред велешани говореше 88 годишниот Саздо Трајков, жртва на тајната полиција ,човек за кого цели 44 години се водело досие, бил следен и прислушкуван. „На неполни 17 години бев осуден на три години затвор. Заедно со уште 15 другари гимназијалци. Во Идризово спиевме на душеме, на земја, на ладно. Шест месеци маст ни извадија додека бевме под истрага. Откако се вративме дома, со години нашите фамилии и децата беа репресирани„рече Саздо Трајков жртва на тајната полиција. Едицијата „Црните страници на УДБА“ ја издаде Државниот архив на Република Македонија. Во неа е опфатен временскиот период по Втората светска Војна од 1945 до 2000 година. „Оваа историја што ние ја учевме во училиштата е лажна. Вистинската историја е во овие 16 книги. Со нив се разјаснува мал дел од целата слика. Јасно се гледа дека вистинските херои некој се обидувал да ги избрише или да ги стави на маргините на општеството„рече Филип Петровски директор на Државен архив на Македонија. Едицијата е испечатена во 300 комплети. Во Велес може да се најде во подрачното одделение на Државниот архив и во Локалната библиотека „Гоце Делчев“. Надлежните наскоро очекуваат овие 13 500 страници да се испечатат во поголем тираж и да станат подостапни за граѓаните.