Вардарска долина, Изградба на пречистителни станици на реката Вардар и Меѓународна регата до Солун – Теми на разговор помеѓу градоначалниците на Велес и Солун
Да се организира Меѓународна регата во реката Вардар, од вливот на Црна река, во близина на археолошкиот локалитет Стоби до Солун. Ова беше директен повод за средбата, која на покана на својот колега, во Солун ја одржаа градоначалникот на општина Велес, Славчо Чадиев и Градоначалникот Јанис Бутарис.
„Средбата е значајна затоа што со неа практично го скршивме мразот. На градоначалникот Бутарис му се допаднала идејата која јас ја дадов во изјава дека еден ден регатата ќе заврши во Солун и затоа побарал средба со мене околу разработување на таквата идеја и проект„вели Славчо Чадиев Градоначалник на Општина Велес.
На средбата градоначалниците на Велес и Солун разговарале и за изработка на проект со кој во иднина треба да се изградат пречистителни станици во градовите низ кои поминува реката Вардар.
Чадиев и Бутарис го посочиле и проектот „Вардарска долина“, со кој Солунското пристаниште преку пловна река Вардар ќе се спои со Дунав и Сава.