Општина Велес пример за добри практики за родова рамноправност
Заврши двегодишниот проект „Зајакнување на капацитетите на општинските службеници и локални претставници за родово одговорно буџетирање“. На последната конференција на 31 октомври беа презентирани добрите практики од три општини: Велес, Битола и Боговиње. Ангажираните експертки во Проектот изнесоа дел од анализите кои ги направија во однос на предизвиците со кои се соочува локалната власт во насока на обезбедување на адекватен пристап за спроведување на активности за родова еднаквост и родово одговорно буџетирање.
На конференцијата беше изразено задоволство од заложбите кои ги прават локалните самоуправи при третирањето на прашањата поврзани со овие теми, но беше и посочена потребата од обезбедување на родова статистика која недостасува на локално и на централно ниво. Со неа ќе се детектираат разликите и нееднаквостите помеѓу мажите и жените во сите области на општественото живеење.За стратегиско дејствување и квалитетен пристап на овие состојби потребна е пред се идентификација на родовите прашања што би се обезбедило и преку спроведување на истражувања, анкети, прашалници, родово разделена статистика, индикатори за мерење на напредокот во остварување на целите –родови индикатори и оценка на позитивните или негативните ефекти, како и развивање на механизми за менторство и особено, обезбедување на институционален пристап на родовите прашања.
Проектот го реализираше ЗЕЛС со поддршка на UN Women – Тело на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените