„Граѓанинот на прво место“

Одржана конференција „СТАНДАРДИ ЗА Е-ТРАНСПАРЕНТНОСТ И Е-ОТЧЕТНОСТ НА ЛОКАЛНО НИВО“ во рамки на проектот: „Граѓанинот на прво место“, во реализација на Центарот за управување со промени и Центарот за одржлив развој „Алка“. Проектот е финансиран од ЕУ, а кофинасиран од Британската амбасада. Соработници во проектот се министерствата за локална самоуправа и за информатичко општество и администрација.Македонските граѓани сметаат дека на веб-страниците на општините треба да бидат објавени податоци за финансии, совет, услуги, локален економски развој, социјална заштита, образование, животна средина, комунални дејности, урбанизам, спорт, градинки и домови за стари лица.

Општина Велес со директна вклученост на тројца државни службеници: Билјана Манаскова, Јадранка Стефкова и Дуњамин Мехмед активно учествуваше во проектните активности со презентација на резултатите и практиките на општина Велес во областа на комуникацијата со граѓаните, испораката на услуги и интеграцијата на стандардизирани е-услуги согласно стандардот ISO 9001, односно, областите кои им го олеснуваат пристапот на граѓаните до општинските услуги и обезбедуваат транспарентност, отчетност и отворени податоци.
На конференцијата, за значењето на отворените податоци за општините и воопшто администрацијата говореа г-ѓа Ширет Елези, Министерка за локална самоуправа и г-ѓа Марта Марта Арсовска - Томовска, министерка за информатичко општество и администрација. Британскиот амбасадор Н.Е. Чарлс Герет, во воведното излагање нагласи дека транспарентноста е клучна за било кое здраво општество и демократија, за секоја држава што сака да има здраво владеење на правото. Тој, како најуспешен пример ја посочи Општина Велес.
Проектот цели кон зајакнување на свеста на општинските власти за континуирано подобрување на транспарентноста и отчетноста како водечки принципи на локалната демократија и активното граѓанско учество во одлучувањето. Според најавите на „Алка“ проектните активности за отворени
податоци ќе продолжат во насока на зајакнување на транспарентноста на општините и остварувањето на целта „Граѓанинот на прво место“.