300 учесници на велешки полумаратон и 120 едници крв
Организаторите на првиот велешки полумаратон, Советот на Млади при Општина Велес и група граѓани помогнати од локалната самоуправа велат дека постигната е целта на манифестацијата. Испратена е порака за здрав живот, здрави навики и рекреација. Првиот полумаратон кој се одржа, во Градскиот парк ги исполни сите очекувања. На главната трка од 21 километар учествуваа 150 натпреварувачи. Првото место со време од 1:14:57 го освои Дарио Ивановски, второпласиран беше Игор Јакимовски,а трет заврши Хамим Чилафи. Во женска конкуренција полумаратон најбрзо истрча Ангелина Пановска со време од 1:44:49, пред Тина Пановска која го освои второто место, а трета беше Ирена Стојменова.
На рекреативната трка во должина од пет километри првото место му припадна на Дарко Поп Ацев со време од 17:10 минути, втор заврши Никола Гелов, а третото место му припадна на Кристијан Китанов. Марга Бојаџиева со време од 20:06 минути победи во рекреативната трка на пет километри во женска конкуренција пред Марија Богдановска и Кристина Дарковска. Гиго Ивановски доби пехар за највозрасен учесник со 69 години, Јордан Петков е најмладиот со само шест години. Помеѓу 150 натпреварувачи кои ја истрчаа рекреативната трка на пет километри беше и Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев. Првиот велешки полумаратон се одржува како дел од одбележувањето на 9-ти Ноември, Денот на Општина Велес. Како дел од програмата, денеска во просториите на театар ЈХК Џинот се одржа и крводарителска акција која ја организираше мото клубот „Носачи на Крстот“. Граѓанте на Велес одново ја покажаа нивната хумамост и за само пет часа даруваа 120 крвни единици. На патеката покрај Стар мост се одржа и меѓународен турнир во кајак на диви води.