ОТВОРЕНИ 49-ТЕ ДЕТСКИ РАЦИНОВИ СРЕДБИ
Започнаа 49-тите Детски Рацинови средби. Годинава со учество на 68 ученика со своите ментори од 14 градови од Македонија. Тоа е една четвртина од вкупниот број учесници на литературниот и ликовниот конкурс што го распиша организаторот на манифестацијата. За најдобрите на двата конкурси во сите категории за основно и средно образование денеска беа доделени награди. „Детските Рацинови средби имаат исто, ако не и поголемо значење од Средбите на возрасните. Тие ја остваруваат истата цел – го негуваат делото на Коста Солев Рацин и го презентираат пред светот. Но нивната мисионерската улога на пренесување на големината и значењето на Рацин на младите генерации, на нашата иднината, на оние кои ќе продолжат да ги негуваат традицијата, јазикот и културата на Македонците, е она што ги прави Детските Рацинови средби единствени„рече на отворањето Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев.
Манифестацијата се одржува денеска и утре. Освен свеченото отворање денеска учесниците и делегациите положија цвеќе пред споменикот на Рацин, изведоа поетски перформанс „Бесмртна љубов“, ќе се посети Народниот музеј и куќата на поетот каде ќе се одржи изложбата на цртежи од ликовниот конкурс. За утрешниот ден предвиден е поетски караван во основните училишта и промоција на книгата за деца „Низ сончевиот пат на македонската азбука“. Веќе две години Општина Велес, организацијата и реализацијата на Средбите му ја отстапи на Литературниот клуб „Кочо Рацин“. Членовите на клубот заедно со општинските училишта, локалната библиотека и народниот музеј и овој пат докажаа дека оваа манифестација има добра иднина.