Влатко Стојанов го фати светиот крст за Водици во Велес

21-но годишниот Влатко Стојанов е најсреќниот велешанец. Тој успеа да го фати Светиот крст на празникот Богојавление – Водици. Крстот го фати во неговиот прв обид. Во водите на „Македонскиот Јордан“ како што вели Митрополитот Повардарски Господин Агатангел денеска влегоа точно 50 лица. Со верба во бога тие ја продолжија големата христијанска традиција на Водосвет. Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов денеска беше дел од одбележувањето на Водици во Велес. Тој заедно со Градоначалникот Славчо Чадиев присувствуваа на целокупната манифестација. Во црквата „Успение на пресвета Богородица“ се одржа Света божествена литургија, по што беше формирана литија до Мало мовче каде се изврши осветување на водите. По традиција на големиот празник Богојавление на бреговите на Вардар присутствуваа многу верници кои го проследија чинот на фрлање на крстот. Во наредните денови Влатко Стојанов ќе ги посети сите христијански домови со иконата која денеска ја доби од Повардарската Епархија.