110 години од раѓањето на П. Прличко
На денешен ден пред точно 110 години во Велес е роден актерскиот бард, легендата на македонското глумиште Петре Прличко. Речиси и да нема човек кој не се сеќава на „Кузман“ од филмот Фросина, на „Паун“ од Волчја ноќ, легендарниот „Мандана“ од Мис Стон, „Фезлиев“ од Денови на искушение, „Дојчин“ од Републиката во пламен и уште многу други.
Богатата седумдецениска кариера на големиот сонувач или „последниот балкански скомрах“, може да се рекапитулира и преку следниве импресивни бројки: најмалку 250 театарски ролји, 55 драмски режии остварени во повеќе професионални театри театри во Македонија, помеѓу 1945 и 1984 година, една оперска режија, најмалку 50 драмски режии остварени во патувачките театри помеѓу 1930 и 1940 година, 32 улоги во долгометражни филмови, 17 режии на куклени претстави, 6 авторски драмски текста и 11 драматизации најчесто на бајки за деца и адаптации на драмски текстови од македонски битови автори. Граѓаните на Велес секогаш со почит се однесуваат кон ликот и делото на најголемиот македонски актер. Општина Велес со Здружението на драмски уметници „Џинот“ и Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов“ се иницијатори за востановување на актерската награда Петре Прличко во 2006 година. Спомен биста со неговиот лик е поставена во младинскиот парк.