Започна 3-та училишна размена помеѓу Велес и Шербур

Во рамките на програмата за училишна размена помеѓу Велес и збратимениот град Шербур од Нормандија, од 12 до 19 март година, Велес е домаќин на 44 ученици и професори од Франција. По повод почетокот на престојот, учениците гости и домаќини ги поздравија м-р Славчо Чадиев, Градоначалник на Општина Велес и Н.Е. Кристијан Тимоние, Амбасадор на Република Франција. Посакувајќи им добредојде на гостите, градоначалникот Чадиев изрази задоволство од континуитетот на оваа соработка.

„Задоволство ми е што учениците се среќаваат веќе по третпат и што имаме можности да соработуваме преку младите генерации. Веќе го заокружуваме првиот циклус на проектна размена и верувам дека ќе отвориме нови можности на соработка. Нарекувајќи ги учениците млади амбасадори на своите земји, Амбасадорот Тимоние напомена дека на средбата со Градоначалникот веќе станало збор за проширување на соработката и со Република Полска што ќе овзможи проширување на училишната размена на територијата на Европа: „Ова ќе овозможи да се сретнат три Европи. Имаме што да научиме едни од други и можеме да бидеме промотори на мирот“, рече амбасадорот Тимоние. На средбата со Градоначалникот на Велес, беа разменети мислења околу можностите за проширување на соработката во областа на културата, економијата, заштитата од пожари и други области од интерес за граѓаните. Покрај Амбасадата на Република Франција, проектот доби поддршка од Францускиот Институт во Скопје и АЛДА. Во рамките на престојот во Велес, учениците и професорите од Шербур ќе ги посетат културните знаменитости на Велес, Скопје и Охрид и ќе имаат заедничка училишна програма за размена на знаења и идеи. Во проектот се вклучени сите четири средни училишта во Велес и гимназијата од Шербур.