Велес се зазеленува
Започна пролетното засадување на нови дрвца во Велес. Активностите кои ги спроведува ЈКП Дервен стартуваа од улица Индустриска. Таму се засадени 38 зимзелени дрвца од видот „смарагдна туја“. Истовремено се инсталираше и систем за наводнување.
Засадувањето на дрвца е согласно годишната програма за работа на Општина Велес во 2017 во делот кој се однесува на подигнување нови зелени површини. Со истата е предвидено на повеќе локации во градот да се засадат околу 380 дрвца.
Во наредниот период се планира и засадување на дрвца и реконструкција на зелените површини во Градскиот парк, кај железничката станица како и на повеќе градски улици каде ќе бидат уредени и зелените површини.
Целта на засадувањето е да се подобри естетскиот аспект на повеќе делови од градот, но и преку подигнување на ново зеленило да се влијае врз квалитетот на амбиенталниот воздух. Дрвата се природни прочистувачи на воздухот и имаат заштитна функција во однос на прашината и бучавата.