Отовица ќе добие канализационен систем
Министерството за локална самоуправа, во извештајот за извршено оценување на проекти за поттикнување на рамномерниот регионален развој, одлучи во 2017-та финасиски да поддржи 2 проекти со кои аплицираше „Вардарскиот плански регион“.
Двата проекти се во општините: Велес и Кавадарци.
Конкретно за граѓаните на Општина Велес, најзначаен е проектот „Заштита на водите на Езеро Младост преку регулирање на отпадните води во населба Отовица“.
Вредноста на Проектот изнесува 8.197.364 милиони денари, средства кои се обезбедени од Министерството за локална самоуправа преку програмата за рамномерен регионален развој.
„Близината до езерото Младост, можностите за развој на туризмот и добрата комуникација со градската средина ја прави оваа локација многу атрактивна. И самите сте сведоци дека Отовица е едно од ретките населени места кои во изминатиот период растеше како со бројот на ново изградени објекти за живеење и викенд куќи, така и според бројот на население„рече Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев.
Со реализацијата на овој проект директна корист ќе имаат околу 300 жители на населеното место. Како локална самоуправа очекуваме дека ќе влијае за забрзување на развојот во оваа рурална средина.