Општина Велес додели признанијата за најдобри наставници
Општина Велес и оваа година ја продолжи традицијата и им оддеде признанија на најуспешните просветни работници од основното и од средното образование.
Од оваа учебна година, училиштата сами од своите вработени избираат најдобар наставник. Во 2017 година во категорија предметна и одделенска настава се наградуваат наставници од ООУ „Рајко Жинзифов“, а во категорија средни училишта наградата оди во рацете на наставник од ОСУ Гимназија „Кочо Рацин“.
Наградата најдобар наставник во одделенска настава во Општина Велес за 2017 година ја добива Зилха Биберовиќ, а за најдобар наставник во предметна настава во Општина Велес за 2017 година се прогласува Тања Николова, наставник по германски јазик. Наградата најдобар наставник во средно образование во Општина Велес за 2017 година оди во рацете на Оливера Левкова, професор по математика во ОСУ Гимназија „Кочо Рацин“.
Повод за денешната свеченост е 24-ти мај денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“.
Празникот на просветителите за Велес има посебно значење затоа што токму во Велес е отворено првото училиште на македонски јазик, во Велес се наоѓа најстарото училиште во Македонија, Велес е лулката на писменоста во Македонија.
Свеченоста, која се одржа во салата „Бели Мугри“ беше збогатена со настап на КУД „Керамичар“, Фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања и млади гитаристки – Лена и Дебора Караколев.