Целосно е реновирано ООУ „Св. Кирил и Методиј“
Заврши реконструкцијата во Основното училиште „Свети Кирил и Методиј“. Во последната фаза се изврши обнова на фасадата на стариот објект, а се заменија и подовите во 15 училници. Градежните зафати се извршија заеднички со Министерството за образование. Инвестицијата изнесува 3,3 милиони денари, средства кои се дел од проектот „Реконструкција на средни и основни училишта во Република Македонија“ Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев со директорката на институцијата, Анита Мирчева извршија обиколка на објектот. При тоа констатираа дека градежните зафати се извршени според сите стандарди, а со тоа значително се издигнати условите за настава на многу високо ниво.
Практично овој проект е продолжување на претходниот преку кој беа рехабилитирани кровот, двете згради на училиштето, подовите, надворешната столарија и фасадата на поновиот објект. Таа инвестицијата изнесуваше 5,9 милиони денари. Истовремено со средства на Општина Велес се изврши реконструкција во топловодниот систем во училиштето, со што се надминати проблемите околу затоплувањето. Монтиран е нов парен котел со поголема моќност од претходниот. Во наредниот период преостанува да се уреди и спортската сала. Во изминативе четири години Општина Велес вложи многу во образованието. Одредени зафати и реконструкции се направени со сите средни и основни училишта. Самостојно и заеднички со Министерството за образование реализирани се многу проекти при што инвестирани се над еден милион евра.