ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ИЗГРАДБА НА РЕГИОНАЛНА ДЕПОНИЈА ВО ВАРДАРСКИ РЕГИОН

Во Општина Велес се одржа Јавна расправа организирана од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија и Секторот за животна средина.
На јавната расправа беше претставена Студијата за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС) за Интегриран систем за управување со цврст отпад во Вардарскиот регион која беше подготвена во рамките на проектот „Подготовка на потребни документи за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад.

Целта на јавната расправа е да се отвори конструктивна дискусија за влијанијата на Интегрираниот систем за управување со отпад врз животната средина. Граѓаните имаат можност да поставуваат прашања и да добијат стручни одговори од страна на експертите, а исто така и да дознаат повеќе за предностите кои ги носи воспоставувањето на ваков вид системи за управување со отпад.
Со проектот, кој се спроведува во четири плански региони, се очекува да се постигне Интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагонискиот, Југозападниот, Вардарскиот и Скопскиот регион и да се подобри животниот стандард на приближно 1.200.000 жители кои моментално годишно произведуваат 330.000 тони отпад.