Започна да се гради канализација во Отовица
Еден од најгорливите проблеми на жителите од населеното место Отовица набрзо ќе биде решен. Денеска започна да се реализира проектот „Заштита на водите на Езеро Младост преку регулирање на отпадните води“. Новиот канализационен систем е со должина од 2,5 километри. Со него ќе бидат опфатени улиците „Благој Ѓорев“ и „Гоце Делчев“, односно седум краци од нив.
Канализацијата ќе заврши со пречистителна станица. На тој начин ќе се елиминира секаква можност за загадување на водите во Езеро Младост. Носител на проектот е Центарот за развој на Вардарскиот регион. Вкупната инвестиција изнесува 7,6 милиони денари, средства кои се обезбедени преку програмата за рамномерен регионален развој. Со реализацијата на овој проект директна корист ќе имаат околу 300 жители на населеното место. Откако ќе биде поставен канализациониот систем, следува проект за поврзување на Отовица во вода од градскиот водовод.