Три репрезентативни засулувања за ГОК Борец

Градскиот одбојкарски клуб Борец значително засилен ќе влезе во новата натпреварувачка сезона. Со клубот потпишаа тројца репрезентативци. Нови членови на ГОК Борец од денеска официјално се Васе Михаилов и Славе Наков. Тие настапуваат на позициите примач и среден блокер, а во Велес доаѓаат од екипата на Струмица.

Исто така потпис на договор со ГОК Борец стави и Иван Андонов кој се враќа во Македонија по настапите во Албанија. Градоначалкникот на Општина Велес, Славчо Чадиев денеска приреди прием за првите луѓе во клубот и за новите играчи. На средбата им ја претстави визијата за развој на одбојкарскиот спорт во градот. „Ние досега сме биле сведоци на многу клубови кои се формирале, во нив се вложило, брзо имало инспант успех и за две до три години тие згаснале. Нашата цел со Градскиот одбојкарски клуб Борец не е таква. Ние како императив имаме континуитет на добри резултати кои од година во година ќе одат по едно скалило погоре. Сепак ќе кажам дека со новите засилувања веќе имаме добар предуслов за постигнување одлични резултати на домашната сцена„рече Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев. Од клубот очекуваат присувството на репрезентативците да биде голем поттик за работа кај помладите играчи во Борец.