Постојаниот координатор на ОН во посета на Велес

На 14 ноември годинава, Градоначалникот Аце Коцевски оствари средба со г-ѓа Луиза Винтон, постојан координатор на ОН и постојан претставник на УНДП во Република Македонија. Суштинските предизвици во децентрализацијата, фискалната децентрализација, модалитетите на поддршка на општините, рамномерниот регионален развој, развојот на капацитетите на општините во административен, финансиски и технички смисол беа само дел од темите за кои стана збор на средбата.

Г-ѓа Витон нагласи дека искуството на градоначалникот Коцевски ќе биде од големо значење во конципирањето на идните активности за поддршка на општините во Република Македонија, област во која УНДП е водечка меѓународна организација во државата. Веќе во декември годинава е најавен првиот настан што со поддршка на УНДП ќе обезбеди дискусија на највисокотo раководство на државата и градоначалниците околу клучните теми на децентрализацијата. Во наредниот период УНДП не само што ќе ги поддржува општините туку и ќе работи на механизми за континуирано зајакнување на нивните капацитети и поддршка на приоритетни проекти кои ќе бидат избрани во соработка со градоначалниците, советите на општините и граѓаните. Градоначалникот Коцевски изрази благодарност за севкупната досегашна поддршка и изрази надеж дека успешната соработка со Обединетите Нации и УНДП ќе продолжи. Како што беше најавено, клучните програми на УНДП за поддршка на македонските општини допрва ќе следуваат базирани на 3 клучни области во кои предничи доброто владеење. Во фокусот ќе бидат фискалната децентрализација, инфраструктурните проекти како и поддршката за лицата со посебни потреби и сите маргинализирани групи граѓани во општините.