Jaвна расправа по Нацрт-стратегијата за култура 2018-2022
Во организација на ЗГ „Јадро“ и поддршка на Фондацијата „Отворено општество“ -Македонија, денес во Велес беше организирана петтата по ред јавна расправа по Нацрт-стратегијата за култура 2018-2022. Јавната расправа е една од низата што се одржуваат низ повеќе градови во земјава, а се поддржани од УСАИД-Проектот за граѓанско учество со цел што повеќе чинители во културата да се вклучат во јавната дебата пред конечното донесување на стратегијата за културен развој на земјава за следните пет години.
На јавната расправа воведно излагање имаа Златко Теодосиевски, посебен советник во Министерство за култура и координатор на работната група за подготовка на стратегијата, Снежана Китановска, претставничка од независен хуманитарен сектор, Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес и Ване Трајковски, извршен директор на Стрип центарот на Македонија.
Визијата на градоначалникот Коцевски за развој на културата на Велес за наредните години, проблемите со децентрализацијата во културата особено на планот на архитектонското наследство и модалитетите на зајакнување на граѓанското учество во развојот културата беа во фокусот на дебатата. Заклучоците од дебатата треба да придонесат за поквалитетна Стратегија за култура усогласена со европските стандарди.