Воспоставена соработка со Виенскиот Дистрикт 10

Во средина богата со етнички заедници, помеѓу 200.000 жители но виенскиот Дистрикт 10, живеат дури 299 семејства со потекло од велешкото село Горно Оризари. Бројот на млади кои постојано целат кон оваа европска метропола расте од ден на ден. Меѓу нив има и такви што завршиле универзитети, магистрирале и се вклучиле во интелектуалните кругови на Виена. 44 –ца се етаблирани бизнисмени со многу постигнати успеси на планот на инвестициите и континуираниот раст. Сите овие податоци му беа предочени на Градоначалникот Аце Коцевски за време на работниот престој во Виена, на 17 и 18 ноември годинава.

Посетата се реализираше во организација на  граѓанските здруженија „ Интеркултурна иницијатива" предводено од Исмет Мехмедовиќ  и „Глас Оризара“ предводено од Енвер Карталовиќ кои се залагаат за ангажман на сите потенцијали и ресурси во Дистриктот 10 на планот на поддршката на Велес и Горно Оризари во евроинтеграциите и локалниот економски развој.
На организирани средби со претставниците од бизнис секторот, градоначалникот Коцевски имаше можност на лице место да се запознае со успешните компании и нивните сопственици: Менсур Дациќ во областа на хортикултурата,Сафет Дациќ во сферата на градежништвото и енергетската ефикасност и Сабо Мехмедовиќ-градежништво и инвестиции во недвижнини. Можностите за инвестиции во Велес и Горно Оризари беа во фокусот на средбите со бизнисмените на кои беа разменети мислења за потенцијалите на Велес и опциите за нивно максимално искористување во интерес на бизнис секторот, но и на сите граѓани.

 


Фокус на посетата на Градоначалникот Аце Коцевски беше средбата со Маркус Франц, градоначалник на Дистриктот 10 во Виена. Двајцата градоначалници разменија клучни информации за своите општини и се согласија дека Велес и Дистриктот 10 можат да направат многу заеднички активности во интерес на граѓаните од Горно Оризари иселеници во Дистриктот 10 и сите граѓани на Велес.
На централната манифестација што се одржа на 18.11.2017 во Виена, Коцевски на својот виенски колега му предаде писмо на намери со иницијатива за продлабочување на соработката и ги повика претстваниците на бизнис секторот на првите Б2Б средби што ќе се одржат во Велес, во 2018 година. Градоначалникот Франц веќе ја прифати поканата да го посети Велес наредната година. Ова е прва официјална соработка на Велес со локална заедница во Австрија.