Одбележан Светскиот ден на детето

Во Општинското основно училиште „Васил Главинов“ денеска се одржа централната државна манифестација по повод одбележување на Светскиот ден на детето. Целта на одбележувањето е да се сврти вниманието на пошироката јавност за сите обврски кои ги има општеството кон децата, но и за најважните проблеми со кои децата се соочуваат.

На манифестацијата присувствуваа Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, претставникот на УНИЦЕФ во Република Македонија, Бенџамин Перкс, Заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлевски, државниот советник во Министерството за образование и наука Сафет Незири, вработените и децата во училиштето ООУ „Васил Главинов“. Денешниот ден е целосно посветен на децата. Тие ги заменуваат улогите со возрасните и можат да видат како е да се биде на нивно место. На еден училишен час учениците беа во улога на наставници, директор или друг персонал кој е во институцијата. Тие беа одговорни за изведување на часови, за дебатирање, реализираа ликовна работилница ,а подготвија и претстава. На Светскиот ден на детето Градоначалникот Коцевски истакна дека децата се многу важни и треба многу да се работи во наредниот период за да се подобрат условите во училиштата, градинките и останатите институции. Светскиот ден на детето, годинава се одбележува по 28-ми пат, откако Генералното собрание на ОН ги усвои Конвенцијата за правата на децата и Декларацијата за правата на детето.