Времените вработувања спротивни на законот

Прес конференција на Градоначалникот Коцевски

Во врска со обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ за отпуштање на времено ангажирани лица во општинската администрација Градоначалникот Аце Коцевски денеска одржа прес конференција на која напомена:

Текстот од прес конференциите кои го добивте на вашите меил адреси е испратен од страна на лицето Живе Катранџиев вработен во ЈКП Дервен и тоа во работно време што претставува уште еден пример на кршење на законите за партиски потреби.

Денеска сакам да порачам дека нема потреба од беспредметни обвинувања, со кои претставниците од ВМРО ДПМНЕ си ја перат совеста пред вработените во општината на кои претходниот градоначалник не им обезбедил место во систематизацијата и не распишал огласи за нивно вработување. Тој ги вработил по основ на привремено зголемен обем на работа, во време кога на градоначалниците и советите им беше спорен мандатот, кога почна изборната кампања, кога многу работи не функционираа во општините. Во време кога реализацијата на буџетот на годишно ниво ќе биде околу 50%, во време кога полнењето на буџетот е многу мало вие да вработите 41 лице по основ на зголемен обем на работа е многу контрадикторно.

Најголемото прекршување на Законот што е направено од страна на поранешното раководство на општината е прекршувањето на Законот за административни службеници. Имено и покрај тоа што не ги исполнуваат условите за административна служба, на времено вработените лица им биле давани задачи кои вклучуваат бесправно давање на статус на државен службеник, работа на управна постапка и потпишување на важни документи со што грубо се прекршени речиси сите членови на Законот за административни службеници. Уште полошо, ангажирани се лица без соодветни компетенции за одредени работни места како што налага законот. Со ова општината и граѓаните постојано биле доведувани во опасност да бидат оштетени во управните постапки.

Обвинувањата дека капиталните проекти како градскиот пазар, мостот кај Башино Село и други се запрени поради тоа што овие лица работеле на тие проекти е голема глупост. Бидејќи ако како што реков времено ангажираните лица се без комптенции содветни за работните места бесмислено е да се прашува колку тие умеат да работат на комплексни проекти како гореспоменатите. Општината и во моментов со стручни лица со статус на државни службеници работи на многу сложени инфраструктурни проекти, но овојпат усогласени со мојата програма и она што им го ветив на граѓаните на Велес во кампањата на локалните избори.

Јас не ги делам луѓето по партиска основа туку само на професионалци и луѓе кои земаат плата без работа, само по партиска заслуга. Тоа мора веднаш да престане ако сакаме да напредуваме.

Пред да стапам на функцијата најавив дека ќе го ревидирам секое бесправно трошење на парите на граѓаните на Велес. Утврдив дека со постапките за времено вработување и грубото кршење на Законот за административни службеници како и зачудувачката бројка од дури 41 лице кои биле ангажирани по партиска линија, граѓаните на Велес месечно биле оштетени со сума од 950.360 денари заради партиски интереси.
Една од причините што долгот на општината е 2.700.000 е токму оваа. Во наредниот период ќе се врши пополнување на работните места кои ги има многу во општинската администрација, пред се раководни места, со распишување на јавни огласи, со водење на соодветна постапка предвидена со законот, а не на ваков начин како што тоа е направено.
Сите тие што сега се суште во општината и сите тие на кои им е прекинат работниот однос ќе имаат право да конкурираат доколку ги исполнуваат законски предвидените услови.