Прва седница на Советот за развој на Вардарскиот плански регион
Градоначалниците од девет општини кои го сочинуваат Вардарскиот плански регион денеска ја одржаа првата седница на Советот за развој на Вардарскиот плански регион.
Тие едногласно ја изгласаа одлуката за усвојување на Годишна листа на предлог-проекти за развој на Вардарскиот плански регион за 2018 година финансирани од страна на Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој.
Советот за развој на Вардарскиот плански регион издвои седум проекти во исто толку општини кои се поставени на листа како приоритетни во наредната година.
За Општина Велес посочени се проектите: Подготовка на техничка документација за доизградба на Индустриска зона „Мамутчево“ и Завршување на работи за реконструкција на објект на ОСУ „Јовче Тесличков“.
Освен што се одобрија проекти и за другите општини, Градоначалниците денеска одлучија набрзо да се изработи техничка документација за реализација на проект „Изградба на регионален стационар за хуман третман на бездомните животни“ како проблем со кој се соочуваат сите општини.
Согласно Законот за регионален развој за Вардарскиот регион годинава ќе се издвојат 14,7 проценти од Буџетот кој е за оваа намена или 29.532.300 денари.