Јавна расправа за Нацрт- Буџетот на Општина Велес за 2018
Во просториите на Општина Велес денеска се одржа јавната расправа по нацрт-буџетот за 2018 година. Претставниците од Урбаните и Месни заедници, лица од невладиниот сектор, образованието, спортот, културата и институциите под надлежност на локалната самоуправа го видоа годишниот план на приходи и расходи за наредната година.
Дел од нив ги дадоа и нивните видувања за проекциите и планирањата во наредните 12 месеци.
Нацрт буџетот на Општина Велес за 2018 година е проектиран на 899.939.397 денари. Споредбено со Буџетот за тековната година е помал за 61.432.348 денари.
Најголем дел од средствата се предвидени од трансфери и дотации. Основниот буџет е проектиран на 395.032.980 денари.
Според Градоначалникот Аце Коцевски, граѓаните на Велес секогаш треба да знаат каде и како се трошат нивните пари. Буџетот за 2018 година е испланиран да биде пореален од претходно. Амбиција на општината е неговата реализација да се ближи што е можно повеќе до идеалните 100 проценти, односно таа да биде помеѓу 90 и 95 проценти. Тоа е реално планирање кое значи и повисок кредитен рејтинг.
Денешната јавна расправа е само уште еден доказ за транспарентното работење на општината, но и продолжување на веќе востановената пракса буџетот и програмите за работа на локалната самоуправа да се носат во две фази.
Во наредниот период на седница Советот на Општина Велес треба да го донесе Предлог-Буџетот.