ФОРМИРАН ЛОКАЛЕН ЕКОНОМСКИ СОВЕТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС

 

Сопственици, управители и директори од 20-тина најголеми компании од Велес се дел од Локалниот економски совет на Општина Велес кој се формираше денеска.

Највлијателните бизнисмени од градов ја прифатија поканата на Градоначалникот Коцевски и одлучија да се вклучат во работата на Локалниот економски совет, тело кое преку генерирање на добри идеи и бизнис анализи треба да влијае на економската слика во Велес, да привлекува инвестиции и овозможи отворање на нови работни места.

Нивните предлози, сугестии, идеи и критики ќе бидат дел од сите активности, мерки и стратегии за развој на локалната економија.

Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски истакна дека очекува многу работа од Локалниот економски совет. Според него ова тело треба да работи за развој на стратешките економски прашања и на изнаоѓање на решенинја за актуелни проблеми. Пред присутните презентираше еден дел од визијата за развој на градот во наредниот период.

На првата конститутивна средба сите членови на Локалниот економски совет го изразија нивното задоволство од неговото формирање. Тие изразија подготвениост да ги стават нивните лични капацитети за подобрување на животот во градот.

За две до три недели ќе се одржи вториот состанок на Советот. Состојбите во сообраќајот и изработката на Новиот Генерален урбанистички план ќе бидат две од темите во фокусот на членовите.