Средба на Градоначалникот со Амбасадорот на Република Чешка

На 7-ми февруари годинава, Градоначалникот Аце Коцевски оствари средба со Амбасадорот на Република Чешка, Мирослав Томан. Амбасадорот за првпат е во официјална посета на Велес од неговото назначување на мисијата пред 4 месеци.

На оваа прва можност за соработка, Градоначалникот Коцевски го претстави историјатот, богатото културно наследство и економските перспективи на Велес и изрази подготвеност за интензивирање на соработката на економски план.

„Ќе ми биде мило ако во наредниот период успешната политичка соработка ја преточиме во успешна економска соработка“, рече Коцевски кој нагласи дека Велес е отворен за сите заинтересирани инвеститори и компании кои би сакале да се вклучат во европските и други стратешки проекти.

Амбасадорот Томан ги презентираше досегашните активности и заложби на Амбасадата на Република Чешка меѓу кои културните настани организирани во Велес и изрази подготвеност за иницирање на поголема соработка со компании од Република Чешка, но и со други општини и асоцијации на планот на културната размена.

„Искуствата на компаниите и општините во Република Чешка со реализацијата на европски проекти и транзицијата на економијата можат да се пренесат овде како поддршка“, рече амбасадорот Томан.

Во наредниот период ќе се работи на заедничко градење на партнерства помеѓу стопанствениците и граѓаните како заложба за продолжување на успешната соработка со Република Чешка.