Стартува проектот за развој на капацитетите на Советот на oпштината
Колкави се капацитетите на советите на општините да излезат во пресрет на барањата и потребите на граѓаните и да обезбедат највисоко ниво на отчетност и транспарентност во трошењето на јавните средства? Овие клучни прашања од интерес за граѓаните се во фокусот на проектот „Зајакнување на општинските совети“ на УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка.
Во пресрет на официјалниот старт на проектот, на 9-ти февруари годинава, Градоначалникот Аце Коцевки и претседателот на Советот на Општина Велес, Душко Петров остварија средба со Илмиасан Даути проектен менаџер од УНДП, Кристина Колозова, проектен менаџер од Швајцарската агенција за развој и соработка и Ибрахим Мехмети, член на Одборот за управување со проектот.
На средбата, градоначалникот Коцевски изрази задоволство што Општина Велес е вклучена помеѓу првите 6 општини во Македонија во кои ќе се реализира проектот и ги престави заложбите за просторни и технички интервенции што ќе се направат во општина Велес со цел салата за одржување на седниците на советот да се направи достапна за поголеми групи граѓани со што ќе се зголеми отчетноста и транспарентноста на општината. Тој ги претстави иницијативите покренати во ЗЕЛС и пред надлежните државни органи за поголема отчетност и обезбедување на сите услуги за граѓаните на едно место и од општината и од државните институции.
Претседателот на Советот на Општина Велес, Душко Петров нагласи дека проектот го гледа како предизвик за зајакнување на капацитетите на советот. Тој изрази надеж дека по завршувањето на проектот ќе се постигне поголема транспарентност и отчетност. Како што потенцираа претставниците на донаторите, во првата фаза на проектот ќе се реализираат 11 обуки за членовите на општинските совети. Програмата овозможи и средства за реализација на конкретен локален проект во висина од 50.000 швајцарски франци кој ќе биде избран со максимално учество на граѓаните, а дополнителни 12.000 швајцарски франци ќе бидат обезбедени за примена на алатка за зајакнување на транспарентноста.
Градоначалникот Коцевски и претседателот на Советот на Општината Петров ќе го потпишат меморандумот за разбирање на 10-ти февруари во Скопје.